[Видео] Домашното студио „Dark-1“ добија издавач за играта „Skopje“

Гејминг студиото од Македонија, „Dark 1“ конечно доби издавач за нивната игра „Скопје“ (Skopje), која ќе им ја издаде на платформата „Steam“.

Се работи за „PM Studios, Inc.“, познати по правење и издавање на голем број инди игри, како што е и „Скопје“.

Играта е инспирирана од бруталистичката архитектура, југословенската типографија, но истовремено водена од сајберпанк и неонски мрачни теми.

Како што веќе најавија дечките од „Dark-1“, целта е да го доловат безвременскиот дух на градот во едно пост-апокалиптично сценарио, кое метафорично може да се поврзе со пост пандемискиот период. Воедно, сакаат и да ја разбудат љубопитноста на светските гејмери за Скопје.

Целта на играчот е да го истражува уништениот град, да ги открие причините зад неговото уривање, да ја надмине хордата на обезличени и мутирани суштества коишто го доминираат градот, да обезбеди ресурси за да опстои и најважно да преживее, објаснија од студиото.

Играта ќе биде FPS (пуцачина во прво лице) во стрип стил со „roguelike“ елементи и делумно отворен свет за истражување.