Охридското обвинителство оформи предмет за ширење списоци на лица заразени со Ковид-19

Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Охрид оформило предмет за ширење на списоци со лица заразени со Ковид-19 од Охрид преку социјалните мрежи, потврдија од СВР Охрид за Радио МОФ. Оттаму посочија дека тие претходно доставиле информација за ваквите активности до ОЈО, и додадоа дека врз основа на нивни насоки, тие ќе продолжат да работат понатаму.

Радио МОФ во неколку наврати пишуваше за ваквите активности со ширењето на списоците кои веќе речиси најмалку три месеци се шират меѓу охриѓани.

Според правникот Игор Јадровски од Хелсиншкиот комитет за човекови права со кого претходно разговаравме, ваквото давање на лични и медицински податоци на еден пациент без негова согласност се коси со законот за заштита на правата на пациентите и законот за заштита на личните податоци.

Дополнително, тој вели дека ваквата стигматизација на лицата кои се позитивни на вирусот, доведува до нивно вознемирување, како форма на дискриминација.

Од почетокот на пандемијата беа регистрирани неколку случаи кога се ширеа списоци со заразени од коронавирусот и во други градови низ државата.

Досега со коронавирусот во Охрид се заразиле вкупно 1.399 лица, додека бројката на активни случаи моментално се искачи на 590 лица.

Два месеци се шират списоци со имиња на наводно заразени со Ковид-19 во Охрид – кој е кртот во системот?

М.К.