Две фотографии од список на имиња и презимиња од луѓе од Охрид кои наводно се заразиле со коронавирусот, од вчера се шири преку пораки на социјалната мрежа Фејсбук.
На фотографиите кои се проширија се гледаат само имињата и презимињата на околу 27 луѓе, без дополнителни информации за нив.
Ваквите информации, по се изгледа стигнаа и до Општата болница Охрид, од каде се огласија со статус преку нивната Фејсбук страница. Оттаму пак, порачуваат дека тој што треба да биде, како што велат, стигматизиран и ставен на столбот на срамот, е тој што не ги применува мерките за заштита, алудирајќи на тоа дека не треба да бидат стигматизирани тие кои се инфицирале со вирусот.
„Сите имиња и презимиња (случајно или намерно излезени во јавност) на досегашни заболени (и починати) од Ковид-19 нека Ви бидат претежок товар за Вашата неодговорност. Чувајте се себеси и своите најблиски“, порачуваат оттаму.
КОВИД – КОЛУМНАПланетата Земја е извор на непресушна позитивна енергија, извор на моќ и извор на здравје. Тој е наш…
Posted by JZU Opsta Bolnica- Ohrid on Thursday, 22 October 2020
Ова не е првпат да се објавуваат информации во јавноста за лица кои се заразиле со коронавирусот. Таков беше случајот и кога минатиот месец во Струмица беше објавен список со имиња на одбојкарки.
Како што јави телевизијата „24“ тогаш, списокот содржел имиња на 20 девојки, од кои во тој момент, според изјавата на претседателот на клубот од каде што доаѓаат одбојкарките, само две биле позитивни, додека останатите се уште биле во самоизолација и не се знаеле нивните резултати.
Од одбојкарскиот клуб тогаш најавија и кривична пријава против креаторот и лицата што го споделувале списокот со имиња.
Во април годинава, Агенцијата за заштита на лични податоци поднесе кривична пријава заради неовластено објавување на списоци на кои биле објавени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење на лица заразени со коронавирусот, кои најверојатно биле од подрачјето на Куманово.
Во текот на вчерашниот ден во Охрид беа регистрирани 24 нови случаи, а бројката на активни засега изнесува 137 лица.
М.К.