Два месеци се шират списоци со имиња на наводно заразени со Ковид-19 во Охрид – кој е кртот во системот?

Најмалку во период од два месеци, до граѓани од Охрид преку социјалните мрежи стигнуваат списоци со имиња и презимиња на луѓе кои наводно се заразиле со коронавирусот. Во некои од овие списоци кои се шират преку приватни пораки главно на Фејсбук, увид имаше и Радио МОФ. Надлежните повикуваат граѓаните да пријават доколку наидат на такви списоци.

За случајот со ширењето на списоците, запознаен е и директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) од Охрид Сашо Точков. Тој за Радио МОФ вели дека службите се информирани и дека тие треба да ги испитаат овие наводи. Како што објаснува Точков, иако не е поднесена официјална пријава, тој двапати разговарал со командирот на СВР Охрид, со цел нешто да се преземе.

„Не можам да пријавам, затоа што го немам списокот. Не можам да пријавам затоа што немам таква евиденција, тоа што ќе видам на нечиј телефон, месинџер, од некои скриени броеви… Тоа треба сепак да си го испита установата“, изјави Точков.

„И тие (полицијата н.з.) бараат да дојдат до некој список, секој се прави наудрен. Сите имаат некакви списоци, а никој не сака да покрене“, додава тој.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи Охрид Стефан Димоски вели дека досега немаат добиено пријава поврзана со ширење на вакви списоци со имиња.

„Во исто време, ги повикувам граѓаните, тие што имаат таква информација да го пријават настанот во СВР Охрид“, вели Димоски.

Од каде излегуваат списоците?

Материјали за тестирање за Ковид-19 на охриѓани главно им се земаат во ЦЈЗ или во Општата болница. Сепак, понекогаш брис се зема и во Центарот за дијализа во Струга, а кога ќе има потреба и во Костозглобната болница, објаснува Точков.

Па така, тој додава дека од ЦЈЗ материјалите за тестирање се праќаат до Институтот за јавно здравје во Скопје, додека од другите места тие се праќаат до останати институции како Македонската академија на науките. Точков вели дека одговорно тврди оти ниту едно име на позитивен, ниту усмено, ниту писмено, не е излезен од институцијата од каде што доаѓа.

„Нема теоретска, ниту техничка можност кај нас. Кај нас списоците, односно, евиденцијата стигнува само кај епидемиологот, ниту јас ја знам, ниту гледам, ниту ме интересират со име и презиме кој е, како е…“, посочува тој.

Евиденцијата на луѓето, тој вели дека се пушта на повеќе места во државата, односно, во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во полиција, во центрите за јавно здравје, институтот за јавно здравје и во лабораториите кои тестираат.

„Еден цел комплексен систем, така да, за да откриете кој, како, што, тоа стварно треба да се посвети некој на таа работа“, додава тој.

Неговата порака до луѓето кои ги шират списоците, е да го остават тоа на страна, поради, како што рече, тие не си прават добро ниту себеси, ниту на другите. Во меѓувреме, на граѓаните им порача да се занимаваат со четирите основни работи, односно, носењето маска, дезинфекцијата на рацете, одбегнувањето на групирањата и дистанцата.

„Не е важно кој е позитивен со име и презиме, важно е секој да си носи заштитна опрема и да се заштити себеси, а со тоа ги заштитува и другите. Неважно е кој е позитивен, тоа е една еуфорија која владее во македонскиот менталитет, да видиме кој е денес позитивен, зошто? Ти ако си носиш маска, си држиш заштита, што тебе те интересира кој е позитивен. Тој што е позитивен е обработен од страна на епидемиологот и се наоѓа дома, тој не шета, затоа што го контролира полиција. Тоа е целата работа,  сосем други фокуси има ова население, дел, не сите нормално, сосем други интереси, рекла казала, отколку оние основни што се, како да се заштитиме и да ја победиме оваа епидемија“, порача Точков.

Ваквото давање на лични и медицински податоци на пациентот без негова согласност се коси со законот за заштита на правата на пациентите и законот за заштита на личните податоци, смета Игор Јадровски кој е правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

„Законот за правата на пациените гарантира доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци на пациентите, кои мора да се чуваат во тајност и после смртта на пациентите, во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Законот за заштита на личните податоци исто така гарантира тајност и заштита во обработката на личните податоци, пропишувајќи обврска за обработувачот на податоците (во случајов здравствените центри, болниците и институтот за јавно здравје) да ги чувааат како доверливи личните податоци на пациентите“, изјави Јадровски за Радио МОФ.

Ваквата стигматизација на лицата кои се позитивни на Ковид-19 пак, вели Јадровски, доведува до нивно вознемирување, како форма на дискриминација.

„Може да доведе до продолжена и повторена директна дискриминација во различни општествени сфери на овие лица, а може да резултира и со сегрегација на овие лица врз основа на нивната здравствена состојба“, додава тој.

Повторно протече список со наводно заразени лица со Ковид-19, овојпат за луѓе од Охрид

Мартин Колоски