Охрид СОС за палењето трски во Струшко: Ќе чекаме ли пет месеци за да се најде и казни сторителот?

„Секоја година истата песна. Пали-гаси. По сторителот „се бара“, а никој никогаш реално и да бил казнет. Или некому да му дошла памет па да престане со ваквата практика. За неколку дена два поголеми пожари подметнати на овој потег проголтаа огромна површина под трска“, реагираат од Охрид СОС, откако Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) објави дека се опожарени трска и вегетација во должина од околу 450 метри во Струшко, па најавија кривична пријава.

Од Охрид СОС прашуваат дели сега треба да се чека пет месеци, како во примерот со депонирање земја и шут кај Далјан за да се најде и казни сторителот, или, велат тие, и ова „ќе помине како и сè друго во државата – секое чудо за три дена?“.

„Попусти се апелите и реакциите ако институциите молчат или некого толерираат со децении. Свесни сте дека делот на струшкото крајбрежје е оставен на милост и немилост. Дали се трупа градежен шут и земја за да се прошири брегот, дали се пали трска, се депонира градежен отпад, се гради на самиот брег, се узурпира. Повеќе од доволно докази ви се предочени, претставки, пријави. Уништувањето на природното наследство никако да престане“, се вели во реакцијата на иницијативата.

Инаку, од ДИЖС рекоа дека по третото палење на трски годинава, инспектори извршиле надзор на опожареното земјиште потегот од плажите Версус, Аквариус и ресторанот Аполонија, во насока кон селото Калишта.

Настанот се случил и покрај предупредувањето до сопствениците на земјиштето што граничи со пешачката патека – дека ќе бидат казнети доколку палат трска на државно земјиште.

Оттука, најавија истрага за откривање на сторителот и кривична пријава.