ДИЖС: „Казандол“ во моментов не претставува опасност за средината и локалното население

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) соопштува дека по увид на теренот каде се наоѓаат објектите во состав на рудникот „Казандол”, во моментов нема опасност за животната средина, околните насади и здравјето на локалното население.

„ДИЖС на 4 мај изврши надзор на локацијата по претставка на граѓански организации од Валандово, кои побараа да се утврди дали на локацијата има потенцијална опасност за животната средина и околните населби, имајќи предвид дека не е познато во каква состојба се отворените копови и цистерните за сулфурна киселина“, велат од ДИЖС

Од таму потсетуваат дека Владата во 2018 година еднострано го раскина Договорот за концесија, заради неисполнување на условот од договорот од концесионерот во рок од две години од добивање на концесијата да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда.

„Оттогаш нема активности на локацијата, а изградбата беше запрена. Објектите и опремата на локацијата се чуваат од страна на поранешниот концесионер. Покрај физичкото обезбедување, започната е стечајна постапка, која не може да продолжи бидејќи во тек е постапка за арбитража иницирана од страна на поранешниот концесионер кој побарува оштета од државата“, соопштува ДИЖС.

Инспекторатот вели дека на надзорот било утврдено дека резервоарите за складирање сулфурна киселина се празни. Објектите и опремата се сè уште во добра состојба, велат тие, освен што е откорната и оштетена покривната конструкција од производната хала.

„На отворено се чуваат заштитната фолија во ролни и вреќите со минерална подлога за заштита на подземните води, а се поставени на одлагалиштето на кое требаше да се врши лужење на руда со сулфурна киселина. Под одлагалиштата се лоцирани повеќе ископи за јаловишта и хавариско езеро. Првиот ископ е обложен со заштитна фолија и е исполнет со вода, а во езерцето има жив свет, додека останатите ископи не се исполнети со вода. На теренот – во објектите и надвор од нив, нема складирано хемикалии“, се вели во соопштението на ДИЖС.

Фото: ДИЖС