Огромните посеви со добиточна храна за задоволување на потребите за месо ја уништуваат планетата

Според извештајот на WWF (World Wildlife Fund), 60% од глобалните загуби на биодиверзитетот се должат на исхраната богата со месо која премногу ги оптоварува земјините ресурси, пишува Гардијан.

Според предупредувањата од новиот извештај, континуираниот глобален апетит за месо преку производството на добиточна храна има катастрофален ефект врз животната средина. Според новата студија од конзерваторската добротворна организација WWF, огромните површини за одгледување култури како сојата која се користи за крмење кокошки, свињи и други животни, доведуваат до огромно оптоварување на природните ресурси што води го глобални загуби на земјиштето и видовите.

Исто така, предупредуваат дека интензивното и индустриско одгледување животни резултира со помалку нутритивна храна, нагласувајќи дека шест интензивно растени кокошки денеска имаат иста количина на омега-3 како една кокошка во 70-ите.

Студијата насловена „Апетит за уништување“ ќе биде објавена на годинешната конференција „Extinction and Livestock Conference“ во Лондон, во соработка со „Compassion in World Farming“ (CIFW). Студијата предупредува за огромните површини земјиште кои се потребни за одгледување на добиточна храна, меѓу кои и дел од најранливите региони во светот како Амазон, Конго и Хималаите. Извештајот и конференцијата се случуваат во период кога се појавија повеќе вознемирувачки факти за индустриското одгледување животни. Минатата недела истражување од Гардијан и ITV откри персонал во фабрика за кокошки во Обединетото Кралство како менува клучни информации за безбедноста на храната.

Сојата која е богата со протеини сега се произведува во такви огромни количини, што просечниот Европеец консумира приближно 61 килограм секоја година, во најголема мера индиректно со јадење производи од животинско потекло како пилешко, свинско месо, лосос, сирење, млеко и јајца.

Во 2010 година, на британската сточарска индустрија ѝ беше потребна област со големина на Јоркшир за производство на соја што се користи како добиточна храна. Но, ако глобалната побарувачка за месо расте како што се очекува, посочува извештајот, производството на соја ќе треба да се зголеми за речиси 80% до 2050 година.

„Светот консумира повеќе животински протеини од потребното, а ова има катастрофален ефект врз дивиот свет“, вели Данкан Вилијамсон, менаџер на политиката за храна на „World Wildlife Fund“.

„Неверојатни 60% од глобалната загуба на биодиверзитетот е предизвикана од храната што ја јадеме. Знаеме дека многу луѓе се свесни дека исхраната базирана на месо има негативно влијание врз водата и земјиштето, како и тоа дека предизвикува емисии на стакленички гасови, но малкумина знаат дека најголемиот проблем доаѓа од посевите за добиточна храна која ја јадат животните.“

Со 23 милијарди кокошки, мисирки, гуски, патки и гвинејски птици на планетата – повеќе од три по жител – најголем корисник на добиточна храна на глобално ниво е живината. Вториот по големина корисник, на 30% од светската сточна храна во 2009 година, е индустријата за свињи.

Во Обединетото Кралство свинското месо е второ најзастапено месо после пилешкото, со консумација од 25 килограми по жител годишно во 2015 година – пополнувајќи го речиси целиот препорачан годишен внес на сите видови меса. Упатствата за исхрана во Обединетото Кралство препорачуваат 45-55g протеини дневно, но просечната консумација во Обединетото Кралство е 64-88 грама, од кои 37% се од месо и месни продукти.

Превод: Давор Пехчевски и Ива Апостолска