Одземена лиценцата на ТикТок анестезиологот, нема да може да работи 7 години

Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница донела Одлука за привремено одземање на лиценцата за работа на д-р Ваљтон Дервиши, специјалист анестезиолог, вработен во ЈЗУ Клиничка болница Тетово.

Се работи за анестезиологот од Тетово што преку ТикТок снимал и објавувал лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош, по што беше приведен од МВР.

„Лиценцата за работа на докторот привремено се одзема за период од 7 години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето. Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика“, велат од Лекарска комора.

Докторот на медицина, посочуваат тие, својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство.

„Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдневно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар, доколку не ги почитува етичките норми и правила“, соопштува Лекарската комора.

Од таму посочуваат дека како професионално здружение на сите доктори на медицина во нашата земја, нема да дозволи дигнитетот и угледот на докторите да бидат загрозени од неодговорно однесување на поединци во фелата.

„Со денешната Одлука органите на Комората како легитимни претставници на сите нејзини членови испраќаат порака дека лекарите веруваат во етичките вредности и правила и силно ќе се залагаат за нивно доследно почитување во работата“, се вели во соопштението.