Одржана традиционалната трка на келнери во Париз

Во пресрет на Олимпијадата, по 13 години пауза, вчера во главниот град на Франција се одржа трката за келнери и келнерки стара 110 години, пренесува Ен-Би-Си Њуз.

Дури и најбрзиот човек на светот веројатно не би бил толку брз додека балансира послужавник со кроасан, шоља за кафе и чаша вода низ улиците на Париз, без да истури насекаде. А, Франција не би била Франција без умешните жени и мажи кои секојдневно ја служат нивната култура со помош на анцир. Па, во чест на луѓето кои со генерации ги хранат нивните тела и души, французите ја вратиле келнерската трка.

Најбрзи биле келнерката и келнерот Полин Ван Вимерш и Семи Ламрус, па како такви тие се прогласени за амбасадори на суштинската француска професија.

Фото: France 24 / Twitter 

Победничката во женска категорија, Ван Вимерш, истрчала за 14 минути и 12 секунди. Таа почнала да работи како келнер на 16 години, а сега е 34 и истакнала дека не може да замисли друг живот за себе.

„Ја сакам професијата исто толку колку што ја мразам. Таа е мојата кожа, не можам да ја оставам. Тешко е, исцрпувачки е, 12 часа на ден се, викенди и Божиќ. Но, тоа е дел од мојата ДНК, на некој начин пораснав со послужавник во рака“, изјави победничката која работи во кафулето и ресторанот „Le Petit Pont“ свртен кон катедралата Нотр Дам.

Победникот во машка категорија истрчал за време од 13 минути и 30 секунди.

Фото: Global News 247 / Twitter

Победниците добиле медали, по два билета за церемонијата на отворање на Олимпијадата на 26 јули покрај реката Сена и ноќно излегување во хотел во Париз.

Иако при оваа прилика биле насмеани, натпреварувачите признале дека тоа не е секогаш случај кога брзаат на работа. Гостинот може секогаш да е во право во други земји, но келнерот го има последниот збор во Франција.

Фото: Giles MacDonogh / Twitter

„Француската гордост значи дека во мали професии како оваа, не сакаме да бидеме газени. Тоа не е недостаток на почит, туку повеќе е состојба на умот“, рекол Тиери Петит (60), кој по 40 години како келнер се пензионирал во април.

Првата ваква трка се одржала во 1914 година.