Одбрана и Владата највисоко, а Зелениково и Арачиново најниско рангирани на Индексот на активна транспарентност

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспаретност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, каде се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.

Својата активна транспарентност во 2022 година ја подобриле 81 % од институциите. Активната транспарентност на министерствата и Владата изнесува 85 %, а на општините 70 %. За разлика од лани, министерствата се подобриле за 6 процентни поени, а општините за 10.

Две институции: Министерството за одбрана и Владата имаат по максимални 100 %, односно ги објавуваат сите предвидени информации од активната транспарентност.

Три општини се наоѓаат на третата позиција, со високи 97 % исполнетост на обврските за објавување информации според активната транспарентност и се воедно лидери меѓу општините: Битола, Валандово и Карпош.

Најниско на листата, пак, со „многу слаба“ транспаретност се рангирани Зелениково (17,4 % исполнетост) и Арачиново (8,7%).

Извор: ЦГК, Индекс на активна транспаретност 2022

Од Центарот посочуваат дека меѓу регионите, на првото место изби Југоисточниот Регион (со 84 % активна транспарентност), додека на последно место останува Скопскиот Регион (со 56 % активна транспарентност).

Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите (само 56 % од можни 100 % општините, 82 % од можни 100 % министерствата).

Извор: ЦГК, Индекс на активна транспаретност 2022

„На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, општините одговориле во просек за 12 дена (лани за 17 дена), а министерствата одговорија за 16 дена (лани исто така за 16 дена). 93 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена“, велат од Центарот.

Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед за секоја институција од 2016 годинава наваму.