Одбележување на Националниот ден на правата на животните на 1 јуни

„Национален ден на правата на животните – Македонија“ (NARD Македонија), граѓанско движење посветено на кревање на свеста за страдањето на животните од човековата рака, го најавува одбележувањето на Националниот ден на правата на животните, со цел создавање похумана иднина за сите.

„На 1 јуни 2025 година, Македонија за првпат ќе го одбележи Националниот ден на правата на животните. По тој повод, на Плоштад ‘Македонија’ во Скопје, со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи настан кој ќе ги обедини граѓаните околу заедничката цел – градење похумано општество во кое секој живот има вредност! Настанот ќе се одвива во три дела: комеморација, едукација и прослава“, соопштуваат од NARD Македонија.

Од таму посочуваат дека во комеморативна смисла, ќе му оддадат почит на секое животно што настрадало од човечка рака – било тоа во кланици, лаборатории, циркуси, зоолошки градини или напуштено на улица.

Во однос на едукативниот дел, ќе се споделат информации за состојбата со животните во Македонија и во светот, ќе се зборува за специзмот и за начини на кои секој од нас може да придонесе кон промената – преку информирање, лични избори и активизам.

Од аспект на прослава, пак, движењето посочува дека ќе ги прослават животот, отпорот и солидарноста.

„Прославата ќе биде израз на љубовта кон сите живи суштества и на вербата во поинаков, поправеден свет. Ќе има дружење, разговор и веганска храна. Секој што се залага за ненасилство, сочувство и еднаквост е поканет да ни се приклучи. Сечиј живот е вреден!“, соопштува NARD Македонија.

Инаку, „Национален ден на правата на животните – Македонија“, е граѓанско движење кое цврсто верува во поврзаноста меѓу сите живи суштества, посветено на кревање на свеста за страдањето на животните од човековата рака, со цел, како што велат, создавање на еден поубав заеднички живот во мир и хармонија на Земјата.