Од утре (1 септември) со редовна работа ќе започне јавниот превоз на териториите на општините Штип и Карбинци, најави денеска Панче Стефановски, директорот на Јавното претпријатие “СТИПИОН” – Штип.
Тој најави дека за граѓаните ќе бидат достапни шест активни линии, по утврдени возни редови кои се достапни на социјалните мрежи и во медиумите, а истовремено ќе започнат со делење промотивни материјали на кои ќе бидат сите потребни информации, додека во следниот период и на самите постојки ќе има мапи и информации за активните линии и возните редови.
„На располагање имаме седум возила со капацитет од 29 до 107 патници, од кои шест се нови со сите технички, безбедносни и еколошки стандарди и адаптирани за користење на лица со инвалидитет. Сите возачи се со долгогодишно, професионално искуство и со сите потребни лиценци за работа. Општинскиот линиски превоз ќе биде од голема полза за граѓаните, ќе обезбеди брз, безбеден, економичен и еколошки превоз, а во исто време ќе допринесе за намалување на метежот во сообраќајот, паркирањето и зголемувањето на безбедноста на граѓаните на Штип“, рече Стефановски.
Првите три дена од општинскиот линиски превоз ќе бидат бесплатни за сите граѓани, а потоа билетот во еден правец ќе се наплатува по цена од 30 денари за градските линии, па се до 90 денари за најдалечната дестинации. Граѓаните ќе можат да добијат и повратни, месечни или годишни билети, а ценовникот е достапен на следниов ЛИНК.
Дневните билети за почеток ќе се издаваат во автобусите, а месечните и годишните билети ќе се издаваат во наплатниот центар во Општина Штип, кој веќе функционира за потребите на одделението за паркинг.
Јавниот превоз ќе биде бесплатен за сите ученици во основните и средните училишта, како и за децата до пет години и лица со инвалидитет или попреченост. На овие лица по претходно приложени документи во наплатниот пункт ќе им биде издадена потврда за бесплатно користење на превозот.
Стефановски најави дека се работи на мобилна апликација која ќе си содржи сите потребни информации за општинскиот линиски превоз и која преку ГПС ќе го следи движењето на возилата во реално време и реална локација. Со тоа граѓаните ќе имаат увид за колку време возилото ќе биде на одредена постојка.
Тој додаде и дека деновиве работат на ослободување на автобуските постојки, кои поради долгогодишниот прекин на градскиот превоз се користеле како паркинг места, со цел патниците безбедно да влегуваат и излегуваат од возилата. Директорот упати апел до возачите во иднина да не ги узурпираат овие места.
Фотографии: Јавно претпријатие “СТИПИОН” – Штип