Советот на Град Скопје не ја прифати иницијативата за миленици во јавниот скопски превоз

Од Иницијативата „Зелен хуман град“ (ЗХГ) известија дека Советот на Град Скопје не ја прифатил Иницијативата за миленици во јавниот превоз во Скопје.

Оттаму додаваат дека на вчерашната седница на Советот, само осум од присутни 24 севетници гласале „ЗА“.

Асоцијацијата за згрижување и вдомување на животни „Бездомни животни без граници“ покрена јавна петиција за инклузивен јавен транспорт во кој има место и за домашните миленици.

„Иако иницијативата беше целосно во склад со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а нашите советници ги изнесоа сите аргументи зошто е неопходно да се усвои предлогот, тоа не беше доволно ни за советниците да влезат во салата – што кажува колку во суштина тие се заинтересирани за ова прашање“, истакнуваат од ЗХГ.

Оттаму додаваат дека преку платформата за директна демократија #МојГрад  иницијативата добила 1.670 гласа ЗА и само 31 глас против.

„Ова јасно ја отсликува потребата на нашите сограѓани да им се дозволи да ги внесат своите миленици затворени во транспортер во јавниот превоз. Спуштањето на нивото на дискусијата беше очигледен обид да се спречи усвојување на иницијативата и да се дефокусира од нејзината благородна цел – да ја запре дискриминацијата на голем број наши сограѓани кои не може да си дозволат да користат такси и кои немаат приватно возило за да ги превезат своите миленици до ветеринар или за какви било потреби“, посочуваат од ЗХГ.

Тие повикуваат граѓаните да ги контактираат членовите на Советот на Град Скопје, како граѓански претставници,  и да побараат од нив поддршка за иницијативата со што ќе се создадат услови таа да биде поднесена повторно, а со тоа и да стане точка на дневен ред до нејзино конечно усвојување.

Петиција до Град Скопје за дозвола за возење во ЈСП со миленик