Петиција до Град Скопје за дозвола за возење во ЈСП со миленик

Асоцијацијата за згрижување и вдомување на животни „Бездомни животни без граници“ покренува граѓанска иницијатива за инклузивен јавен транспорт во кој има место и за домашните миленици.

„Во изминатиот период бевме контактирани и информирани за неколку непријатни настани каде граѓани биле бркани од градски автобуси бидејќи со себе во транспортери носеле милениче одејќи кон ветеринар“, велат од Асоцијацијата.

Оттаму информираат дека според Одлуката за линиски превоз на патници на градот Скопје, возачите и контролорите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) имаат право да не дозволат животни во возилата на ЈСП.

„Сметаме дека ниту еден граѓанин не смее да е изложен на такви ситуации, кога го користи јавниот транспорт. Сметаме дека слободата на движење не смее биде ограничена за граѓаните со миленици, во услови кога истите не загрозуваат ничија безбедност. Уште повеќе оваа одлука е контрадикторна со кампањите на одредени институции кои наводно промовираат одговорно сопствеништво, кога во реалноста граѓаните со миленици се дискриминирани од многу различни аспекти“, децидни се од „Бездомни животни без граници“.

Од коалицијата на граѓански здруженија Зелен хуман град (ЗХГ) велат дека дигитална платформата „МојГрад“ е тука да овозможи на граѓаните да поднесуваат предлози. Па, ваквите граѓански иницијативи потоа преку советниците на ЗХГ одат до Советот на Град Скопје, за да се рипнат сите бирократски застерени процедури. Бидејќи има граѓански интерес за оваа иницијатива, сега останува дали ќе се соберат доволно гласови за таа да помине на Советот.