Од денес започнува ТИМСС тестирањето – опфатени се околу 4.900 ученици од 150 основни училишта

Од денес започнува тестирањето ТИМСС – Меѓународна студија за трендовите во знаењата и способностите на учениците по математика и природна група предмети во кое се опфатени 150 основни училишта од државата и до крај на наставната година ќе бидат тестирани околу 4900 ученици на македонски и на албански јазик, соопштија денеска од Министерството за образование и наука (МОН).

Со учеството во меѓународните студии на мерење на постигањата на учениците се добиваат бројни податоци за образовните системи, наставните програми, наставниот процес, постигањата на учениците, работата на наставниците, како и споредување на постигањата на учениците на меѓународно ниво, како исклучително важен фактор за понатамошното креирање на образовните политики со кои МОН ќе обезбеди поквалитетно образование за сегашните и идни генерации ученици, велат од ресорното министерство.

„Исклучително важно за Република Северна Македонија е да учествува во меѓународни тестирања во областа на образованието, преку кои се проверуваат постигнувањата на учениците, нивото на нивното знаење споредено со знаењето на врсниците од други земји, се проверува подготвеноста за справување со предизвици и реални ситуации од секојдневието, се компарира начинот на организирање на наставата во различни земји и дома. Посакуваме процесот да помине во најдобар ред, резултатите на учениците да бидат подобри од претходните циклуси на мерење и истите да бидат добра основа за носење на следни одлуки во креирање на политики во образованието”, додаваат од МОН.

ТИМСС е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети – природни науки, физика, хемија, биологија. Студијата опфаќа ученици, родители, наставници и директори на училиштата, а резултатите од тестирањето со опсежен извештај ќе бидат објавени во декември 2024 година.