Од четврток ќе се отвори вакцинален пункт на УКИМ

Во четврток, 9 септември, ќе биде отворен пункт за вакцинација против Ковид-19 на кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), информираше денеска Министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцинацијата ќе се врши со кадарот од Универзитетската амбуланта.

На пресконференцијата заедно со студенти од Медицинскиот факултет тие заеднички апелираа да се подигне свеста за имунизацијата кај младите.

„Нашите анализи покажуваат дека расте опфатот со вакцинација пред сè кај повозрасните граѓани. Затоа сега ставаме акцент на важноста да се вакцинираат и помладите граѓани. Сега тие се таа категорија која е помалку заштитена. Вирусот се шири меѓу нив и тие можат да го шират вирусот во своите семејства. Битно е младите да се социјализираат, знаеме колку животот им се промени изминатиов период со тоа што немаа социјални контакти, не одеа во училиште… Затоа и за помладите важи правилото дека само со вакцинацијата можат да ги нормализираат целосно животите“, рече Филипче.

Мотивирачки повик испрати и студентот по медицина, Ернес Никочевиќ. Тој ги повика младите да се вакцинираат, повикувајќи се на искуството коешто го стекнал во изминатиот период од започнувањето на пандемијата, како волонтер во спроведувањето на епидемиолошките анкети на потврдени случаи со Ковид-19 во есенскиот период, во ковид центрите и во процесот на имунизација кадешто учествуваат преку 120 волонтери од Медицинскиот факултет.

„Оваа моја порака денес сакам да ја упатам до сите млади луѓе во државата, моите врсници да покажеме еден висок степен на свест, на сериозност и на одговорност кога станува збор за јавното здравје, да се вакцинираме, да не дозволиме да се преплават здравствените капацитети, да се заштитиме себеси и да ги заштитиме луѓето околу нас“, кажа Ернес Никочевиќ.

Филипче денес информираше и дека досега регистрирани се вкупно 6 случаи на ученици кои се заразени со Ковид-19, петмина од скопските општини и еден ученик од Велес. Тој апелираше дека ризикот за пренос на вирусот во училиштата е минимален доколку се почитуваат здравствените протоколи.

Министерот посочи и дека трендот на намалување на бројките на новозаразени лица со коронавирусот продолжува, а како најголем индикатор за тоа вели дека е намалениот број на прегледи во болниците.