Обвинетата претседателка на ДКСК Татјана Димитровска поднесе оставка

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска денес поднесе оставка од нејзината функција, информираат од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

„Истовремено, ве информираме дека Собранието ке постапи согласно предвидените процедури и за истите благовремено ке бидете информирани“, додаваат од кабинетот.

Инаку, Татјана Димитровска од април годинава беше опфатена со истрага за едно кривично дело, а од пред една недела е обвинета за две.

Јавноста досега знаеше дека таа се сомничи само за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, додека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 18 јули откри дека на Димитровска ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Вибер на третообвинетиот – ревизор во Државниот завод за ревизија (ДЗР), му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации.

„Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, соопшти ОЈО ГОКК.

ДКСК: Собранието носи одлука за разрешување, а оставката како морален чин е право на Димитровска