За пет години нема епилог од ниту една иницијатива на Антикорупциската

Завршува петгодишниот мандат на Антикорупциската комисија. Иако актуелниот состав на ДКСК редовно добиваше позитивни оценки за својата работа во извештаите на Европската комисија, поднесе 59 иницијативи за разрешување и 56 иницијативи за кривично гонење, но за ниту една од нив нема разрешница. Оттаму, легитимно се поставува прашањето чуму постои оваа институција доколку не постои слух кај истражните органи да постапуваат по наодите на комисијата, пренесува новинската агенција Мета.

Антикорупционерите од 2019 година до сега отвориле над 5 илјади предмети од кои 2.872 се однесуваат на корупција. Но, од 2002 година до сега ниту еден предмет кој дошол по иницијатива од ДКСК немал разрешница, освен култниот предмет „Бачило“ поврзан со овчарот Иснифарис Џемаили.

Разочараност на завршниот брифинг на овој мандат на ДКСК, изрази и претседателката Билјана Ивановска, која рече дека сработиле илјадници предмети кои не стигнале до правна разрешница. Сепак, таа рече дека се горди на оние иницијативи кои стигнале до кривично гонење, како на пример иницијативите за кривично гонење на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, како и за вицепремиерот Кочо Анѓушев – двајцата кои сега се наоѓаат на американската црна листа.

„Ние поднесовме иницијативи за кривично гонење за струшкиот градоначалник Рамис Мерко и бизнисменот Кочо Анѓушев, но предметите ни беа вратени. Неколку месеци подоцна, двајцата беа ставени на црна листа од САД. Тоа значи дека нашата работа и сомневање биле точни“, рече Ивановска.

Таа додаде дека претходно оваа институција носела епитети какви што носат многу институции сега, но покажале дека може да се разботи и поинаку.

„Меѓутоа, во овој државен систем треба сите делови да функционираат, не може само со едно делче како ДКСК и ДЗР да функционира, а одозгора никој да не ги слуша. Секој да си го мете својот двор. Ние нашиот го изметовме“, рече Ивановска.

Никакви разрешници нема ниту на укажувањата за злоупотреба на службени возила и службени простории, кое постојано се повторува од едни исти функционери, во исти институции. Како причина за повторувањето на ваквото однесување антикорупционерите ја гледаат неказнивоста.

„Еве, дали сте виделе некој да би казнет за злоупотреба на служебни возила? Ние дадовме предлог регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила, но од 2021 година овој предлог не се спроведува затоа што нема искрена волја да се спречат вакви злоупотреби“, рече Ивановска.

За членот на Комисијата Нури Бајрами, очигледно е дека политиката нема волја за реформи, бидејќи, како што рече институциите им служат за наградување на партиските кадри со поставување раководни функциии.

„Треба да се направи хибридна институција од повеќе институции, чиј дел би била и ДКСК, а крајната одлука би била на Обвинителството за организиран криминал за да можат предметите да се завршат побрзо во разумен рок. Бидејќи за некои иницијативи немаме одговори и по три години“, рече Бајрами.

Ивановска по повод завршување на мандатот изрази задоволство што за време на својот мандат се обезбедени потребните просторни услови и кадровскиот капацитет, зголемен е буџетот на институцијата, за што вели главна поддршка добивале од меѓународните организации.

Актуелниот состав на ДКСК ќе одржи уште една седница в понеделник во рамки на својот мандат. Новиот состав на ДКСК кој беше избран од Собранието ќе стапи на должност на 8 февруари.

Цвета Ристовска, Татјана Димитровска, Софија Спасова Медарска, Сервет Демири, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев и Зоран Богоевски се членовите на новиот состав на комисијата. Татјана Димитровска, помошник на главниот државен ревизор – раководител на сектор за ревизија со овластување, според добиените бодови, ќе биде новата претседателка на ДКСК.

Ивановска денеска нагласи дека очекува повеќе резултати од новиот состав на ДКСК во однос на делот на евидентирање и следење на имотната состојба, бидејќи сите промени до 2023 година тие ги внесувале рачно, а од лани е во функција новиот софтвер кој е поврзан со соодветните институции и тие промени се добиваат автоматски.