Обвинение против Мухамед Зекири за злоупотреба на над 1,45 милиони евра од Буџетот

Јавното обвинителство поднесе Обвинителен акт против поранешниот Генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, со кој го товари за злоупотреби во службата. Истовремено од Скопскиот кривичен суд било побарано продолжување на куќниот притвор на Зекири, се вели во соопштението од Обвинителството.

Зекири се товари за незаконско склучување консултантски договори со кои го оштетил државниот буџет за нешто преку 1,45 милиони евра. Предмет на договорите биле „Македонска пошта“ и „Железници на РСМ Транспорт АД Скопје“

„Имено, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на Договорот. По склучениот договор, правното лице склучило Договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД Пошта на Северна Македонија Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин, за износ од 130.000 евра во денарска противвредност. Во критичниот период, во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ се исплаќани парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот согласно договорот зголемен за 18% ДДВ, а за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, велат од Обвинителството.

„Вториот – Договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант). Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност без пресметан ДДВ. На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување на почетен состанок со правното лице, односно за официјално започнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари, за кој износ е оштетен Буџетот на РСМ“, додаваат од Обвинителството.