По три години, Јавното обвинителство поднесе обвинение за напаѓач на ЛГБТИ+ активист

Основното јавно обвинителство Скопје, (ОЈО) синоќа соопшти дека по спроведена претходна постапка, поднесен е Обвинителен предлог против 33-годишен скопјанец кој се товари за кривично дело – Насилство согласно член 386 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

„На 29.06.2019 година, обвинетиот во група со повеќе други засега неидентификувани лица, извршиле малтретирање, грубо навредување и грубо насилство врз едно лице. Делото било сторено од омраза заради сексуалната ориентација и припадност на оштетениот кон ЛГБТ заедницата“, велат од ОЈО.

Од Основното јавно обвинителство образложуваат дека во 2019 година, по завршување на „Парада на гордоста“ во Скопје, оштетениот со уште неколку други лица се враќале од ручек на Матка.

„Кога тргнале да си одат биле забележани од обвинетиот и другите непознати лица, кои ги препознале и започнале да ги навредуваат и да им се закануваат. Исплашени за нивната безбедност, оштетениот и неговите пријателки се качиле во такси возила и се обиделе да побегнат, но обвинетиот и неговата група со автомобили ги следеле. Такси возилото во кое бил оштетениот било попречено од друг автомобил и било принудено да застане, по што обвинетиот насилно ја отворил предната совозачка врата и физички го нападнал оштетениот, го удрил со бокс и започнал да го тегне за да го извлече од возилото“, дополнуваат од ОЈО.

Од таму дополнуваат дека обвинетиот му нанел телесни повреди на оштетениот – контузија и раздерно-нагмечна рана, а кај останатите сведоци на настанот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.​