Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири поднесе оставка откако ОЈО отвори истрага против него

Генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири, денеска преку Фејсбук соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, откако утринава дел од македонските медиуми информираа дека тој е осомничен за злоупотреба на службената положба.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) во меѓувреме информираше дека е започната истрага за злоупотреба на службената положба и овластување од висок владин функционер.

„Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија“, напиша Зеќири.

„Верувам во институциите на системот, верувам во правичноста и праведноста и верувам дека вистината ќе излезе на виделина. На сите институции им стојам на располагање во секое време, за да ја докажам мојата невиност“, додаде тој.

Од ОЈО посочија дека предметен јавен обвинител од обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување на истражна постапка против двајца хрватски државјани и еден државјанин на Република Северна Македонија.

Дополнително, оттаму велат дека според опишаните дејствија во наредбата, постои основано сомнение дека првоосомничениот,  висок функционер во Владата, во својство на службено лице сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, за што му помогнале останатите двајца осомничени.

„Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, стои во соопштението на ОЈО.

Оттаму најавија дека ќе поднесат и предлог до судијата на претходна постапка при кривичниот суд за определување притвор за тројцата осомничени, поради опасност тие да избегаат, од слобода да ги уништат да ги уништат трагите, да влијаат врз потенцијалните сведоци или да го повторат делото.