Објавена програмата за 57-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Со десет претстави во официјалната програма, а пет во независната, тркалезни маси и програма за деца, од 9 до 16 јуни ќе се одржи 57 издание на Македонскиот драмски фестивал „Војдан Чернодрински“, што ќе се случува од 9 до 16 јуни во Прилеп.

Отворањето на фестивалот кое годинава е под мотото „Враќање дома“, ќе биде организирано на платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во 20 и 30 часот, а со видеоесеи фестивалот ќе им биде оддаде почит на лауреатите на наградата за животно дело, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

„Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека ‘Борка Талески’ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле. Во 21 и 30 часот на сцената на Центарот за култура ќе гостува театарот ‘Јордан Хаџи Константинов – Џинот’ од Велес со претставата ‘Нема струја за електричниот стол’ во режија на Дејан Пројковски. Театарот од Велес одлучи, наместо со ‘Инферно’, која беше селектирана во официјалната програма, од технички причини, да учествува со оваа претстава“, велат од организацијата на фестивалот.

Оттаму нагласуваат дека смена во официјалната програма има и со претставата „Бесачи“ од Македонскиот народен театар, која го откажала своето учество,  а дополнуваат дека Албанскиот театар наместо со претходно селектираната претстава „Три сестри“, ќе се претстави со „Балкан“ во режија на Арбен Кумбаро.

„Иако имаше предлози овие две претстави да се играат на нивните матични сцени, сепак, како Собрание на фестивалот одлучивме дека МТФ ‘Војдан Чернодрински’ се одржува во Прилеп и дека не е во ред да носиме публика од градот за некои претстави да се изведат на матичните сцени. Ова нека биде и вид апел за сите да работиме повеќе на подобрувањето на техничките можности на сцените во Прилеп“, посочува Стојаноска.

Програмата на фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. На пладне ќе се организираат разговори на тркалезна маса, на кои ќе се дискутира за претставите што ќе бидат на програмата од претходниот ден.

„Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата ‘Театроск’ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди“, велат од МТФ „Војдан Чернодрински“.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите, а ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.

Инаку, досега нема никакви информации поврзани со конкурсите кои се отворија во рамки на фестивалот, односно за „Конкурс за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“ и резултати за жири-комисијата која треба да ги оценува пристигнатите текстови.

Оваа година 19 претстави ќе се претстават на театарскиот фестивал МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп