Објавен албумот „Поетроника“ на Андеја Салпе и Оливер Митковски  

Под закрила на издавачката куќа „PMGJAZZ“ e објавен проект-албумот „Поетроника“ на Андеја Салпе и Оливер Митковски, кој претставува длабоко интимна и емотивна симбиоза од електроника, амбиент, џез-елементи и драмска нарација, лишена од баналност и патетика.

Проектот „Поетроника“ во јуни беше изведен на големата сцена на Македонскиот народен театар, а сега излегува и на Bendcamp. Содржи 11 песни и вклучува поезија од генерацијата поети после Втората светска војна, па се’ до денешни современи автори: Ацо Караманов, Гого Ивановски, Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезиовска, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ѓоко Здравески, Игор Исаковски и Радмила Трифуновска.

„’Поетроника’ е иновативен уметнички проект кој содржи креативен избор на дела од македонското поетско творештво сместени во современ музички контекст, поточно во електронска музичка форма“, стои во инфото од албумот.

Музичарот Андреја Салпе во изданието е задолжен за звучната комбинаторика, а одозгора се зборовите на актерот Оливер Митковски.