Обезбеден привремен престој за 68 Авганистанци во земјава

Министерството за надворешни работи информира дека државата обезбеди привремено сместување на 68 Авганистанци, кои претходно биле ангажирани од страна на НАТО за време на мисијата во Авганистан.

„Оваа група е дел од поголемата група Авганистанци кои беа сместени во базата „Бехтел“ (Bechtel Facility), во Косово, од каде меѓу земјите – членки на НАТО привремено се распределени сите Авганистанци, кои беа евакуирани од Кабул. На лицата во земјава им е обезбедено привремено сместување, сѐ до обезбедување на нивната документација за упатување кон финалните дестинации каде е одредено нивното постојано живеалиште“, информираат од МНР.

Со обезбедувањето привремено прибежиште и за оваа група Авганистанци, вкупниот број на авганистански цивили на кои Северна Македонија им има обезбедено привремено престојувалиште во земјава изнесува нешто повеќе од 800 лица. Повеќе од половината веќе ја напуштија Северна Македонија, упатувајќи се кон нивната конечна дестинација.

„За време на привремениот престој во Северна Македонија на Авганистанците им е обезбедена помош и поддршка од државните институции и невладини организации, со што земјава е дел од глобалната хуманитарна акција за помош на Авганистанците кои посветено работеле на унапредување на демократските процеси во Авганистан или биле ангажирани од страна на меѓународни организации и агенции“, посочуваат од МНР.

Радио МОФ неодамна пишуваше за третманот што го добиваат Авганистанците во земјава. Во продолжение, прочитајте повеќе:

Привремениот третман на авганистанските граѓани во „Хотел Македонија“