Новото издание на „Мојата борба“ на Хитлер е бестселер во Германија

Прв пат после крајот на Втората светска војна, во Германија повторно се печати “Mein Kampf”, односно „Мојата борба“, напишана од Адолф Хитлер. Дури 85 илјади копии на манифестот на диктаторот се продале во последната година, со што стана најголем бестселер за изминатата година во Германија.

Книгата веројатно ќе се печати и по шести пат, бидејќи претходниот тираж е речиси потрошен.

Институтот за современа историја на Михен вели дека се продале околу 85 илјади копии на антисемитскиот манифест, од издавањето минатиот јануари.

Наместо да промовира радикална десничарска идеологија, институтот тврди дека целта на изданието е да ја збогати дебатата за новиот пораст на авторитарните политички погледи во современото западно општество.

Институтот на почетокот планирал да продаде само 4000 копии, но го зголемиле тиражот поради големата побарувачка. Шестото издание ќе почне да се продава кон крајот на овој месец.

„Се испостави дека стравот од публиакцијата дека таа ќе ја промовира Хитлеровата идеологија или ќе ја направи општествено прифатлива, или пак ќе им даде нова платформа за пропаганда на нео-нацистите, беше сосема неоснован“, вели Андреас Виршинг, директор на Институтот.

„Напротив, дебатата за светогледот на Хитлер и неговиот пристап кон пропагандата, понуди шанса да се разгледаат причините и последиците на тоталитарните идеологии, во време во кое авторитарните политички погледи и десничарските слогани стануваат попопуларни“, додава.

Од институтот објавија и дека податоците собрани од локалните книжарници за тоа какви луѓе ја купувале книгата, покажуват дека се купувачи заинтересирани за политика и историја, како и просветни работници, а не радикални десничари.

„Мојата борба“ е делумно автобиографија, но претежно е заслужна за зацврстување на идеологијата на Хитлер и основата на нацизмот. Ја напишал во 1924 година, додека бил во затвор во Баварија за предавство.

Книгата поставила две идеи кои ги остварил како канцелар на Германија пред Втората светска војна: анексирање на соседните земји за Германија да се здобие со lebensraum, односно „животен простор“, и омразата кон Евреите, која довела до Холокаустот.

Околу 12,4 милиони копии се продале во Германија, а од 1936 година Нацистичката држава подарувала по една копија на секој нов брачен пар.