Новинската агенција АП забрани содржините направени со вештачка интелигенција да се пласираат како вести

Новинската агенција Асошиејтед прес (АП) објави упатства за вештачката интелигенција, велејќи дека алатката не може да се користи за создавање содржини и фотографии за објавување во сервисите за вести, истовремено охрабрувајќи го персоналот да се запознае со оваа технологија, пренесува Н1.

АП е една од новинските организации кои почнаа да поставуваат правила за тоа како да ги интегрираат технолошките алатки кои брзо се развиваат, како ChatGPT, во нивната работа.

Правилата за користење на вештачката интелигенција во продукцијата на вести ќе бидат објавени во познатиот прирачник на АП.

„Нашата цел е да им пружиме на луѓето начин да разберат дека можеме малку да експериментираме, но и да бидеме безбедни“, рече Аманда Барет, потпретседателка на АП за стандарди за вести и инклузија.

Новинарскиот истражувачки центар „Поинтер“ претходно ги повика новинарските организации да создадат стандарди за употреба на вештачка интелигенција и да ги информираат своите читатели и гледачи за тоа, велејќи дека тоа е „трансформациски момент“.

Генеративната вештачка интелигенција има способност да создаде текст, слики, аудио и видео, но сè уште не е целосно способна да разликува факти од фикција.

Како резултат на тоа, од АП велат дека материјалот генериран со вештачка интелигенција треба внимателно да се провери, исто како и материјалот од кој било друг извор.

Слично на тоа, оттаму велат дека фото, видео или аудио сегмент генериран од вештачка интелигенција не треба да се користи освен ако тој изменет материјал сам по себе не е предмет на приказна.