Новинарка од Мароко осудена на затвор поради абортус за кој тврди дека никогаш не се случил

Мароканската новинарка Хаџар Рајсуни е осудена на една година затвор по обвинение дека имала нелегален абортус и вонбрачен секс во судски процес за кој активистите сметаат дека претставува пресметка со критичарите на власта.

Покрај Рајсуни, судот во Рабат го осудил на една година затвор и нејзиниот вереник, Рифат Ал Амин. Две години затвор добила и докторката која наводно го извршила абортусот.

Новинарката претходно, во писмо испратено од притвор, обвиненијата ги карактеризираше како „фабрикувани“. Обвинетите тврделе дека абортус никогаш не се случил и дека Рајсуни била мета на мароканските власти поради нејзината работа за независниот медиум „Акбар ал Јаум“, каде често пишувала за немирите кои се случуваат на северот од Мароко.

Невладините организации и активистите за човекови права на апсењето и затворската казна за Рајсуни гледаат како на обид таа јавно да биде засрамена и да се обесхрабрат други кои имаат слични критики кон власта.

Според групата „Трајл Воч“, кои го набљудувале судењето против Рајсуни, процесот бил „пример за нефер процес“.

„Доказите не го поткрепија обвинението. Одбраната докажа дека тестовите на крвта покажуваат дека нивоата на хормоните кои се поврзани со бременоста биле толку ниски што било невозможно таа да била во осмиот месец од бременоста како што тврдел полицискиот лекар“, велат од организацијата.

Според Лубна Раис, од мароканскиот феминистички колектив „Масактач“, затворската казна за новинарката е доказ за недостаток на основни човекови права во земјата.

„Жените особено, кои се најранливи на ваквите неправедни прогони, се борат за основните човекови права, за правата на нивните тела и приватноста“, вели Раис.

Мароко се наоѓа на 135-тото место од вкупно 180 земји во светот според Индексот на слободата на медиумите на Репортери без граници. Според нивниот извештај, мароканските власти често ги користат судовите за да вознемируваат новинари, меѓу нив и оние кои ги следат протестите и немирите во северниот регион Риф.