Нови ски-патеки, жичари, вештачки снег и планинарски домови најавуваат инвеститорите за Попова Шапка

Нова жичара – гондола од Тетово до Попова Шапка, ски-патеки, целосно автоматизирани системи за вештачки снег и нови планинарски домови е проектот со кој ќе се развива македонскиот зимски туристички центар, посочија од компанијата „ТехноАлпин“ кои денеска на пресконференција во Владата го претставија стратешкиот проект за развој на ски-центарот Попова Шапка.

Планот се состои од 7 фази на реализација, а првата е предвидена во следните 5 години со интегрирање на постоечките капацитети на Попова Шапка и изградба на нова ски-инфраструктура.

“Ќе се интегрираат постојните падини, а понатаму ќе се направат и нови 16 ски- падини и развивање на ски-центарот кон северниот дел. Ќе се изградат 9 нови жичари, а на почетокот од реализацијата на проектот ќе се направат две од нив. Во првата фаза ќе се изградат системите за вештачки снег, целосно автоматизирани и да бидат поврзани со софтверот на компанијата ТехноАлпин со што ќе се гарантира отворање на сезоната на почетокот на декември, а затворање на ски-сезоната кон крајот на месец март. Понатаму во нашиот план е предвидено и изградба на 2 планинарски дома со капацитет од 160 легла. Важно е да се искористи не само зимската сезона туку и летната, па затоа би инвестирале во изградба на алпски жичарници коишто ќе бидат близу до езерата како и нови велосипедски патеки“, посочија од „ТехноАлпин“.

Планот на компанијата „ТехноАлпин“ кој беше презентиран на пресконференција во Владата

Со инвестицијата се предвидува и изградба на нова жичара (гондола) од Тетово до Попова Шапка, три нови паркиралишта како и четири нови хотели и реновирање на постојните хотели на туристичкиот центар.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини истакна дека италијанската компанија е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег и признати експерти за дизајн на скијачки терени.

„Првата фаза од инвестицијата е во вредност од 55 милиони евра во првата фаза на имплементација, и вкупна инвестиција од повеќе од 180 милиони евра во следните 6 фази од реализација на оваа сериозна инвестиција”, истакна министерот.

Нуредини посочи дека подрачјето на Попова Шапка како дел од Националниот парк „Шар Планина“ е предвидено да биде бафер зона, насочувајќи се кон социо-економски развој и искористување на можностите коишто ги нуди ски-центарот Попова Шапка.

„Попова Шапка во едно минато време беше предизвик за врвни имиња на зимските спортови, но за жал долгогодишното неинвестирање доведе до сериозно заостанување и неискористеност на бројните можности и капацитети за развој на туризмот што го нуди овој планинарски локалитет високо вреднуван и на европско и на светско ниво. Наша цел и нашите напори се насочени максимално да ги заштитиме  природните вредности, но и да обезбедиме услови за социо-економски развој и можност нашите природни убавини да бидат атрактивни, европски и да привлекуваат туристи од целиот свет, да ѝ носат приход на државата, а за граѓаните да отвораат нови работни места и нови економски можности”, изјави Нуредини.

Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година, а првата инвестициска фаза е предвидено да изнесува околу 55 милиона евра и да се одвива до 2028 година. Следните фази е планирано да почнат да се реализираат после 2028 година.

Компанијата „ТехноАлпин“ е основана во 1990 година и е специјализирана за системи за вештачки снег. Според нивниот вебсајт, тие располагаат со околу 6 милиони евра буџет за иновации, имаат 16 подружници во 13 различни држави и имаат преку 600 вработени.

Владата даде дозвола Попова Шапка да ја развива италијанска компанија за вештачки снег