Нови 36 случаи, 18 оздравени и три починати од Ковид-19

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починале две пациентки од Куманово и Крушево на возраст од 85  и 77 години. Оттаму додаваат дека денеска во евиденцијата на Институтот за јавно здравје е регистриран и пациент од Лабуништа кој починал пред три дена кој бил позитивен на вирусот, а имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори.

Во изминатите 24 часа пак, потврдени се 36 нови случаи на Ковид-19, односно по градови, 22 случаи се регистрирани во Скопје, четири случаи во Куманово, по три случаи во Прилеп, Струга и Велес и еден случај во Битола. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со вирусот во нашата земја се искачи на 1.117 лица.

„Денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби си заминаа 11 пациенти, 2 од болницата во Дебар, а регистрирани се  и 5 оздравени пациенти (2 од Кочани и 3 од Скопје) кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

Во меѓувреме, од МЗ соопштуваат дека на Инфективната клиника во Скопје се примени пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 54 пациенти. Од нив, 18 пациенти се на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 7 нови пациенти, од нив 1  веднаш е ставен на респиратор. Хоспитализирани се 37 пациенти, од кои 10 со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени вкупно 7 пациенти.

Во болницата во Битола се лекуваат 8 пациенти со ковид 19, од кои 3 лица се повремено на кислородна поддршка, останатите се стабилни. Примени се 2 лица, со симптоми на вирусот на кои им е земен брис, а тие се сместени во изолација. На домашно лекување се следат 13 пациенти.

Во штипската болница се хоспитализирани 8, а на домашно лекување се следат уште 19 пациенти.