Нова авиолинија Скопје-Москва од 21 мај

Една од најголемите руски авиокомпании, Нордвинд Ерлајнс (Nordwind Airlines), влегува на македонскиот пазар со воспоставување на редовна авиолинија од Москва до Скопје.

Директната линија помеѓу двата главни града ќе почне од 21-ви мај, со лет од Меѓународниот аеродром Шереметјево до Меѓународниот аеродром Скопје. Истиот ден во 18:10 часот е најавен првиот лет од Скопје за Москва. Времетраењето на летот е 3 часа и 25 минути.

Според веб-сајтот на Нордвинд, цената за лет во еден правец од Скопје за Москва во првите неколку месеци се движи помеѓу 7.800 и 10.300 денари.

Во ТАВ Македонија сме многу среќни што Нордвинд одлучи да почне со летови на релација Москва-Скопје, отворајќи ја првата воздушна врска помеѓу Северна Македонија и Русија, по 20 години пауза на воздушната врска меѓу двете земји. Силно веруваме дека оваа досега неопслужена авиолинија има голем потенцијал и дека ќе биде од голема корист за бизнис-патниците и за оние кои патуваат од туристички причини“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Нордвинд е една од најголемите авиокомпании во Русија според прометот на патници и ја има една од најразвиените мрежи на авиолинии во земјата.

Од Нордвинд објаснуваат дека сите нивни патници можат да користат дополнителни услуги за удобен лет, како што се избор на седиште во авионот, избор на оброк, земање дополнителен багаж, нова услуга – дополнително место во близина, како и други услуги преку Интернет.