#НизТвојотОбјектив – Фотографии од Никола Атанасов

Овој пат во рубриката #НизТвојотОбјектив го имаме Никола Атанасов, млад фотограф кој за себе вели дека е љубител на сè што произлегува од десната хемисфера на човечкиот мозок, кој случајно заврши со фото-апарат во рацете.

„Младата скопска музичката сцена последниве неколку години почна да цути многу нагло. Нешто што инспирира не само безброј нови ликови да се истакнат себеси низ песна, бендовите како ‘Луфтанза’, ‘Харакири’, ‘Преку Ред’, ‘Ниандра’ (кои токму викендов ќе имаат свирка) доаѓаат на ум, туку и нуди платформа за сите фотографи кои се мотивирани од културолошкото збогатување на младината. А како нешто сè уште ново, сè уште во својата адолесценција, особено влече кон себе ‘не-до-толку искусни, но сепак страсни и трудољубиви’ фотографи. Или во еден збор, аматери. Луѓе кои ќе напредуваат и растат заедно со оние од другата страна на објективот. Би се сметал за еден од нив. Аматер кој сè уште си игра со фотографијата, со различни стилови, уреди и пристапи кон овој прекрасен визуелен медиум. Овековечувањето на идното минато е привилегија која сите ја имаме, па зошто да не ја искористиме за малку да се забавуваме“, вели Атанасов за Радио МОФ.

Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.

Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.