Независниот синдикат на здравствените работници бара покачување на платите, во спротивно најави протести

Независниот синдикат на здравствените работници утре ќе испрати неколку барања до Владата и Министерството за здравство, меѓу кои и покачување на платите во секторот за 30%. Доколку надлежните не одговорат на барањата до 20 септември, тие ќе излезат на протест, соопшти Националниот координатор на Синдикатот на здравствените работници при Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Боби Бојчевски на денешната прес-конференција.

„Во контакт сме со сите независни организации во здравствениот сектор и со репрезентативниот синдикат на здравство. Ние како независен синдикат имаме договор да го отповикаме членството на масовни протести што ќе бидат најголеми во последниот период во државата“, рече Бојчевски.

Како што посочи тој, почетна плата на здравствен работник, медицински лаборант, медицинска сестра, физиотерапевт е 20.700 денари, со работен стаж може да стигне максимум до 25.000 денари, додека највисоката плата на специјалистите е 45.000 денари.

„Здравството е дојдено на последното скалило на живеење. Затоа ќе повикаме сите заедно, сите сплотено да излеземе да си ги побараме правата за нормален живот во оваа држава. Повторно ќе пратиме известување до министерство и влада, ако нема одговор, не останува ништо друго, туку на улица“, истакна координаторот на Независниот синдикат.

Покрај барањето за покачување на платите за 30%, од Синдикатот ги повторија и барањата што ги доставиле до надлежните и пред месец и половина, а за кои сѐ уште нема одговор. Тие бараат промена на Колективниот договор во здравствениот систем, бенефициран работен стаж на сите вработени во медицинската итна помош, бенифициран стаж во рендген институтите и рендген одделенијата во здравствените установи како и бенифициран стаж за вработените во психијатриските болници.

Четвртото барање е додатокот за инфекција да се зголеми од 1% на 4%, а Бојчевски упати апел до Министерството за здравство да направи инта трансформација на работниот однос кон младите вработени во здравствените установи од определено на неопределено време.

„Секојдневно слушаме дека здравствените работници ја напуштаат државата. Моментално во здравствените установи има млади лица кои работаат за 20.000 денари, осум часа и перфектно си ги извршуваат своите работни задачи. Тие млади луѓе ја земаат само платата, немаат ни пензиско, ни здравствено осигурување, а во текот на годината може да имаат само 7 дена одмор“, рече тој.

Овие барања Независниот синдикат на здравствените работници ги достави до Министерството за информатичко општество и администрација во август годинава. По состанокот тие соопштија дека од двете страни било укажано на голем број аномалии во колективните договори на здравствените работници.

Ангела Бошкоска