Независни листи реагираат бидејќи на гласачкото ливче се заведени како „група избирачи“

Независните советнички листи денеска на прес-конференција реагираа дека на гласачките ливчиња за претстојните локални избори се заведени како „група избирачи“ и се жалат на дискриминација и нерамноправен однос од Државната изборна комисија.

Претставниците на листите велат дека ДИК ги променила нивните називи на гласачките ливчиња. Оттука тие се децидни дека со тоа се отвора можноста гласачите да бидат доведени во заблуда, но и дека независните кандидати за градоначалници и советници однапред се „осудени“ на нерамноправна изборна трка.

„И покрај нашите укажувања, за разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите. Исто така, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата“, изјавија претставници на независните листи.

Од ДИК велат дека се е според закон. Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани се повика на член 60, односно став 9 од Изборниот законик каде се вели дека ако „подносител на листа кандидати е група избирачи, називот на листата се означува како група избирачи и името и презимето на кандидатот“.