nevidliviarhivi.mk: Веб-страна за дигитално архивирање на извори од историјата на жените во македонски контекст

Новата веб-страница nevidliviarhivi.mk e база за дигитализација и истражување на извори од областа на историјата на жените во македонското минато.

Веб-страната е изработена од страна на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) – Скопје, а претставува простор за развој на платформа за дигитална трансформација на пристапноста и достапноста на архивски, библиотечни и други извори за историјата на жените.

„Станува збор за веб страница од областа на дигиталното архивирање на историски извори, и уште поконкретно – дигиталното архивирање на извори од историјата на жените во македонскиот контекст. Веб-страната има за цел да ги приближи до пошироката јавност наодите од истражувањето во склоп на проектот ‘Архиви на невидливите’, споделување на користените визуелни и текстуални извори користени во истражувањето и воспоставување практики за комуникација и олеснето споделување и користење на извори помеѓу независните истражувачи и имателите на тие извори од релевантните институции“, велат од „ЦИНИК“.

Оттаму дополнуваат дека идејата е да се понуди систематизирани извори низ кои се прикажува поширока слика за претставата на жените во наративите за македонското минато, отаде стереотипната имагологија.