Непал го забрани ТикТок бидејќи ја нарушувал „општествената хармонија“ во земјата

Непал e последната земја што ја забрани апликацијата ТикТок, откако земји како САД, Велика Британија и Нов Зеланд ја забранија употребата на апликацијата на владините уреди, јавува Евроњуз.

Владата на Непал вчера одлучи да ја забрани популарната апликација, велејќи дека ја нарушува „општествената хармонија“ во земјата.

Соопштението беше објавено по состанокот на владата. Министерот за надворешни работи на земјата Нарајан Пракаш Сауд рече дека апликацијата веднаш ќе биде забранета.

„Владата одлучи да го забрани ТикТок бидејќи беше неопходно да се регулира употребата на платформата што ја нарушува социјалната хармонија, добрата волја и протокот на непристојни материјали“, рече Сауд.

Истовремено, тој посочи дека за социјалните мрежи да бидат отчетни, владата побарала од компаниите да се регистрираат и да отворат канцеларија во Непал, да плаќаат даноци и да ги почитуваат законите и регулативите на земјата.

Сè уште не е јасно што ја предизвика забраната или дали ТикТок одби да ги исполни барањата на Непал.