ТикТок ќе биде забранет на службените телефони на британските функционери и администрацијата

Апликацијата на кинеската социјална мрежа ТикТок ќе биде забранета да се инсталира на службените телефони кои ги користат министрите, функционерите и државната администрација во Велика Британија, пренесе Би-Би-Си.

Се очекува оваа информација во текот на денот официјално да ја соопшти министерот на владиниот кабинет, Оливер Дауден.

ТикТок се соочува со обвинувања дека на кинеската Влада ги дава податоците за корисниците на апликацијата. Компанијата досега ги има отфрлено ваквите наводи.

Одлуката на британските власти претставува драстична промена на досегашниот однос кон ова прашање, но дел од критичарите и експертите сметаат дека оваа забрана треба да се прошири и на личните телефони кои ги користат министрите и функционерите, па дури до тоа да се воведе целосна забрана на социјалната мрежа.

Британската Влада досега водеше релаксирана политика кон ТикТок, а разузнавачката заедница тврдеше дека всушност се работи за апликација за забава. Сепак загриженоста се појави околу законот за национална безбедност во Кина кој се донесе во 2017 година, со кој организациите и граѓаните се обврзани да „помагаат, асистираат и да соработуваат со државните разузнавачки служби“.

Досега оваа апликација има добиено забрани за користење од владини и државни службеници во САД, Канада, Белгија, како и во Европската комисија.