Неолитска населба стара 8.000 години, откриена на албанското крајбрежје на Охридското Езеро

Домовите изградени на потпорници, кои датираат од пред 8.000 години, би можеле да бидат најстарата населба покрај езерото некогаш пронајдена во Европа.

Дел од албанскиот брег на Охридско езеро пред околу 8.000 години бил домаќин на населба со потпорни куќи, веруваат швајцарски археолози, што го прави најстарото крајезерско село во Европа откриено до денес.

„Населбата е неколку стотици години постара од претходно познатите езерски места во медитеранските и алпските региони“, вели Алберт Хафнер, професор по археологија од швајцарскиот универзитет во Берн.

„Според нашите сознанија, населбата е најстарата во Европа“, изјави Хафнер за АФП.

Најстарите други такви села се откриени на италијанските Алпи и датираат од околу 5000 година пред нашата ера, вели експертот за езерски живеалишта од европскиот неолит.

Хафнер и неговиот тим од швајцарски и албански археолози ги поминаа последните четири години спроведувајќи ископувања во Лин на албанската страна на Охридското Езеро, кое се протега на планинската граница на Македонија и Албанија.

Се верува дека во населбата живееле помеѓу 200 и 500 луѓе, со куќи изградени на потпорници над површината на езерото или во области кои редовно се поплавуваат од надојдените води.

За време на неодамнешното нуркање, археолозите открија докази кои сугерираат дека населбата била зајакната со илјадници шилести штици користени како одбранбени барикади.

Истражувачите проценуваат дека околу 100.000 шила биле забиени на дното на езерото кај Лин, при што Хафнер го нарекол откритието „вистинско богатство за истражување“.

„За да ја разбереме структурата на овој праисториски локалитет без да го оштетиме, спроведуваме многу прецизни истражувања, движејќи се многу бавно и многу внимателно“, истакна археологот Анастаси, кој го предводи тимот албански истражувачи.

Засега, научниците велат дека е можно да се претпостави дека селото се потпирало на земјоделство и припитомено добиток за храна.

„Најдовме разни семиња, растенија и коски од диви и припитомени животни“, рече Илир Ѓепали, албански професор по археологија кој работи на локалитетот.

Но, ќе бидат потребни уште две децении за локацијата целосно да се истражи и проучи и да се донесат конечни заклучоци.