„Нека културата нè води напред“ – европскиот културен сектор бара зголемен буџет од ЕУ

Европскиот културен сектор се обедини за да ги повика Европската комисија, Европскиот парламент и земјите-членки да ја зајакнат програмата Креативна Европа во следниот долгорочен буџет на ЕУ (МФФ).

Културниот сектор испрати отворено писмо поддржано од повеќе од 70 европски здруженија, кои заедно претставуваат речиси 20.000 организации активни во изведувачките уметности, музиката, книжевноста, архитектурата, културното наследство, визуелните уметности, аудиовизуелниот и медиумскиот сектор низ цела Европа. Дополнително, над 200 национални културни организации ја изразија својата поддршка за иницијативата. Меѓу нив е и Младинскиот културен центар (МКЦ) Скопје, кој во 2021 се приклучи на мрежата Liveurope, што е дел од програмата Креативна Европа.

„Според Евробарометарот за 2025 година, културата е фактор број еден што придонесува за чувство на заедништво меѓу граѓаните на ЕУ – дури и пред заедничките вредности, економијата и јазикот. Во време на растечка геополитичка неизвесност, економски притисок и демократско назадување, на Европа ѝ е потребно единство повеќе од кога било. А тоа единство започнува со културна поврзаност“, стои во писмото.

Воедно, пишува дека Креативна Европа е единствената програма на ЕУ целосно посветена на културата и креативниот сектор. Но, таа претставува само мал дел од буџетот на ЕУ.

„Зголемувањето на буџетот на Креативна Европа би било скромна финансиска инвестиција, но моќен сигнал за посветеноста кон солидарноста, креативноста и европскиот идентитет“, посочува здружениот културен сектор.

Низ цела Европа, вели секторот, културните организации се под притисок: се соочуваат со кратења, инфлација и сѐ поограничени слободи.

„Ако сакаме уметниците и институциите и понатаму да нѐ инспирираат, поврзуваат и предизвикуваат, мора да им ги обезбедиме средствата за тоа“, нагласуваат тие.

Затоа секторот се обединува и ги повикува европските институции и земјите-членки да: поддржат независна програма Креативна Европа во следниот МФФ, исто така да го удвојат буџетот на Креативна Европа за да ја одрази нејзината вистинска вредност и потенцијално влијание, но и да ја бранат културата како стратешка инвестиција во иднината на Европа.

„Културата е начинот на кој Европа им се обраќа на своите граѓани и на светот. Да ѝ го дадеме местото и поддршката што ги заслужува“, нагласува здружениот сектор.

Целото писмо може да се прочита ТУКА.