Недела на полски филм во Кинотеката од 6 до 10 декември

Од 6 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Влезот на настанот е слободен.

Распоредот на проекциите е:

6 декември (среда) од 20 часот проекција на „ИО

„ЕО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ЕО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023та година.
ЕО е инспириран од филмскиот класик на Роберт Бресон (Robert Bresson) од 1966 година БАЛТАЗАР, СЛУЧАЈНО (Au Hasard Balthazar). Приказната го следи животот на магарето Ео. Откако ќе биде избркано од патувачки циркус, Ео го започнува своето патување низ кое наидува на секакви луѓе, вклучувајќи италијанска грофица и полски фудбалски тим, доживува радост и болка и се обидува да го најде доброто во животот. За разлика од филмот на Бресон, Сколимовски додава уште една димензија на приказната и ја истражува визијата за модерна Европа низ очите на магарето кое си ја бара слободата“, пишува во најавата на Кинотека.

7 декември (четврток) од 20 часот проекција на „Белези на идентификација

„Белези на идентификација е деби на прочуениот полски режисер Јержи Сколимовски како и првиот филм од цикусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие. Анджеј е алтер егото на Сколимовски, и самиот режисер го игра главниот лик. Приказната започнува кога Анджеј се буди рано наутро и ја остава девојка му која уште спие. Тој решава да се откаже од студентскиот живот и да се пријави за регрутација. Филмот ги следи неговите преостанати часови од животот на обичен граѓанин. Во времето кога се појави, Белези на идентификацијата отвори нови естетски перспективи за полската кинематографија. Составен од само 29 кадри, филмот дава портрет на млад човек од генерацијата млади Полјаци во средината на 1960-тите. Заглавен меѓу различни можности, неконзистентен во своите постапки, со внатрешен немир, главниот лик очајно се обидува да си го најде своето место во светот“, велат од Кинотека.

8 декември (петок) од 20 часот проекција на „Бариера

„Бариера е третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 г. во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска. Филмот е психолошка драма чиј херој – еден мад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата. Главниот лик ги напушта студиите и животот во студентскиот дом. Неговиот сон е да се ожени со богата жена, да има вила во предградие и автомобил „Јагуар“ во гаража. Сепак, тој запознава девојка која има различни идеали од него. Тоа го принудува да го ревидира својот став кон животот и кон себе си“, посочуваат од Кинотека.

9 декември (сабота) од 20 часот проекција на „Лесна победа

„Во својот втор игран филм Лесна победа, Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ. Младиот Анджеј, ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е менаџер во енергетската централа. Таа му наоѓа работа во фабрика, но, Анджеј исто така е и аматерски боксер кој дошол во гратчето да учествува на локалниот, аматерски боксерски турнир. Лесна победа е едно од ремек-делата на полскиот нов бран од средината на шеесеттите години на минатиот век. Тоа е егземпларен пример на филмскиот модернизам кој во дрскоста, отфрлањето на авторитетите и револтот има доста заедничко со филмовите од францускиот нов бран“, велат од Кинотека.

10 декември (недела) од 20 часот проекција на „Рацете горе

„Петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по нивното дипломирање на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на нивното заедничко минато, кога Полска била под сталинизмот. Рацете горе е четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер Јержи Сколимовски го игра своето алтер его – Анджеј Лешчиќ. Поради прикажувањето на сталинистичкото минато, филмот 18 години беше забранет во комунистичка Полска, што е и главна причина зошто Сколимовски набрзо потоа ја напушта земјата. Новата верзија на филмот е премонтирана и додадени се нови архивски снимки“, посочуваат од Кинотека.

Возрасната категорија за сите проекции е 16 години.