„Не е мој претседател“ – Кинески студенти низ светот протестираа против неограничениот мандат на Кси Џинпинг

Кинески студенти од универзитетите низ светот протестираа против зголемувањето на моќта на претседателот Кси Џинпинг со постери на кои е напишано „Не е мој претседател“ и „Не се согласувам“ на англиски и кинески јазик.

Во неделата, Народното собрание на Кина ги отстрани од уставот ограничувањата на претседателскиот мандат со огромно мнозинство гласови. Од вкупно 2.964 делегати само петмина гласаа против или беа воздржани.

Иако критиките за овој потег се под силна цензура во Пекинг, кинеските студенти на универзитетите од Западот го изразија своето несогласување од враќањето на Кина кон систем каде власта е концентрирана во еден човек, кој беше карактеристична за време на власта на комунистичкиот лидер Мао Це Тунг.

Последниве недели исти постери, насочени против Џинпинг, можеа да се забележат на повеќе универзитети во САД, Велика Британија, Нов Зеланд, Австралија, Холандија, Аргентина, Канада и Хонг Конг.

Постерите потекнуваат од кампањата на Твитер наречена „Кси не е мој претседател“, која официјално била покрената на 1-ви март од петмина кинески студенти и млади професионалци кои живеат надвор од родната држава, на три различни континенти.

Активистот и еден од основачите на групата, кој сакал да остане анонимен, за Њузвик изјавил дека целта на кампањата е подигање на свеста и охрабрување на младите Кинези да бидат повеќе политички ангажирани.

„Многу луѓе во Кина се обесхрабрени да го изразуваат своето негодување од политиката бидејќи таквите јавни настапи најчесто водат кон идни барикади при пазарот на труд и затворски казни без правен процес“, рекол тој за списанието.

Активистот објаснува дека кампањата нема да ја поништи одлуката на кинеските власти, туку повеќе треба да претставува заедничка платформа за оние кои можат да протестираат.

„Се чувствуваме морално приморани. Дома, во Кина, доколку изразите некакво несогласување, вашиот профил на социјалните мрежи ќе биде деактивиран, а релевантната дискусија ќе биде забранета, па повеќето луѓе стануваат цинични околу вклучување во таквите активности. Тоа е навистина штета, бидејќи изразувањето на критики е дел од достоинството. Сепак, слободниот говор е заштитен во западните држави, каде и нашата кампања има најголем ефект“, додал тој.

Постерите првично се појавиле на Калифорнискиот Универзитет во Сан Диего на 1-ви март, а потоа се појавиле и на универзитетите во Њујорк пред да започне светската кампања преку Твитер.