НБРСМ: Расте бројот на плаќања со платежни картички

Плаќањата во трговијата со платежни картички во вториот квартал од 2021 година забележаа значителен годишен раст кај вредноста и бројот на остварени трансакции од 35.2% и 43.7%, што во значителен дел се должи на условите наметнати од пандемијата кои придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните за плаќања, соопшти Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ).

Притоа, тие додаваат дека остварениот годишен раст на бројот на плаќања со платежни картички на физичките продажни места од 44.5% во вториот квартал од 2021 година е 9 пати повисок од годишниот раст во истиот квартал од 2020 година, односно 4.7 отсто.

„Во однос на користењето на платежните картички на виртуелните (интернет) продажни места, во вториот квартал од 2021 година беше остварен висок годишен раст од 36,3%, но истиот забавува во овој квартал после исклучително високите стапки на раст од почетокот на пандемијата и е за 4,7 пати понизок од годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година“, се додава во соопштението на НБРСМ.

Од почетокот на пандемијата, граѓаните сè почесто го користеле електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери.

„Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2021 година се зголемил за 30% на годишна основа, остварувајќи повисоко зголемување во споредба во истиот квартал во 2020 година (27%). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на навиките при извршување на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање“, додаваат тие.

Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон пораснал за 55% на годишна основа во вториот квартал од годинава, иако тој е понизок од годишниот раст остварен во истиот период од 2020 година, односно 75 отсто.

Исто така, во вториот квартал на годинава, иако помалку во однос на употребата на мобилните апликации, и понатаму расте употребата на компјутери за извршување на плаќањата.

„Поконкретно, кај овие плаќања, во вториот квартал од 2021 година се забележува годишен раст од 18%, којшто е повисок од годишниот раст во истиот период од 2020 година, којшто изнесуваше 13%“, посочуваат од НБРСМ.