Натпревар за деца и млади за најдобра изведба на монолог

Филмското училиште Тинтири-Минтири организира натпревар за најдобра изведба на монолог со времетраење од 1 минута, а во изведба на деца и млади до 20 години. Натпреварот ќе се одржи на 25 ноември 2017 година (сабота) во просториите на фимското училиште Тинтири Минтири, а ќе започне во 11.00 часот. Право на учество имаат сите деца и млади до 20 годишна возраст. За учество на малолетните лица потребна е потпишана дозвола од родител / старател.

Според правилата на натпреварот, секој натпреварувач треба да изведе монолог со времетраење од околу 1 минута, според сопствен избор на текст, извадок од одредено дело или оригинално напишан. Натпреварувачите ќе бидат оценувани од страна на тричлено стручно жири. Исто така ќе може да се гласа и за видео материјалите кои вирално ќе се споделуваат.

Тројца финалисти ќе бидат наградени. Сите заинтересирани можат да го пријават учеството најдоцна до 23 ноември, на овој линк или на мејлот kc.tintirimintiri@gmail.com. За пријавување треба да се остават следните податоци: име и презиме на дете, возраст на дете, име и презиме на родител, активна мејл адреса и контакт телефон.

Натпреварот се организира по втор пат и е во организација на филмското училиште Тинтири Минтири и на Аурипигмент продукција од Скопје.

Монолог – говор од подолго траење што еден лик му го упатува на друг, како форма на драма. Монологот го изведува лик што директно и се обраќа на публиката или ги искажува своите мисли гласно додека е сам или додека другите актери се тивки.

Филмското училиште Тинтири Минтири обучува деца и млади од 6 до 20 години во сферата на аудио-визуелните уметности. Примарна активност на Тинтири Минтири е едукација во сферата на филмска и тв глума, филмско и тв сценарио, филмска и тв режија, креативно пишување, анимација, водители, радио драма, градење однос кон камера и јавен настап.