НаТочак: Градоначалниците да овозможат секое дете безбедно да стигне до училиште

НаТочак реагира на информацијата дека на првиот ден од школската година возило удри малолетник кој возел велосипед. Сообраќајката е пријавена утрото на крстосницата од булеварот „12-та Македонска Бригада” и улицата „Илија Димовски-Гоче” во Скопје, каде младиот велосипедист се здоби со тешки телесни повреди.

„Град како Скопје, каде на прво место во сообраќајот се ставени колите, каде на родителите полесно им е да ги однесат своите деца до училиште и градинка со кола, наместо пеш или возејќи велосипеди, може да очекува само повеќе да се случуваат вакви сообраќајни судири“, реагираат од велосипедската иницијатива.

По ваква вест, велат од НаТочак, треба сите градоначалници да размислат дали може безбедно да се вози велосипед во нивните населби.

„Да видат дали пристапите до училиштата се слободни или пред нив има паркирани возила. Да направат велосипедска мрежа на улиците по која од секој дом ќе може безбедно да се стигне до секое училиште. Секое дете треба безбедно да се движи низ градот. Градоначалниците и полицијата се одговорни да им направат услови за движење во кое возачите на автомобили нема да можат да ги повредат“, стои во реакцијата на НаТочак.

Од таму во текот на вчерашниот ден дадоа и пример, како Париз прави промена на училишни улици.

„Замислете во Скопје барем на неколку денови во годината да се прави експеримент во кој улиците околу влезовите на училиштата и градинките се ослободени од коли. #СлободниУлици. Барем на први септември да можат дечињата безбедно да стигнат во училиштата. Родителите да видат дека подобро ќе биде за самите нив и за децата ако не ги носат учениците со кола до самата врата, да пробаат да сменат навики, да се движат пеш или #НаТочак“, велат вело-активистите.

Па така, посочуваат тие, нека биде бар секој прв училишен ден во месецот.

„Во Париз тоа е дел од градскиот проект #ParisRespire или #ПаризДише. Замислете барем еден ден скопските населби да дишат. Населбите да бидат слободни, луѓето безбедно да се движат, а најважно – децата да осетат сигурност и да можат без страв и стрес да влегуваат во своите училишта. Барем неколку денови годишно нека #СкопјеДише“, соопштија од НаТочак.