Настава во клупи или комбинирана со онлајн алатки – неизвесен почетокот на новата учебна година во соседството

Состојбата со Ковид-19 повторно станува сериозна на Балканот. Земјите периодов регистрираат рекордни дневни бројки на новозаразени, но и на смртни случаи. Ова го доведе во прашање отворањето на училиштата од септември и како вусшност ќе се одвива наставата.

Различни сценарија се разгледуваат во соседните држави – од класична настава во клупа, до целосно онлајн од дома, или пак, комбинирана.

Бугарскиот министер за образование Красимир Валчев неодамна изјави дека е повеќе за класична настава во училиште, бидејќи како што вели, не треба да се потпираат само на онлајн наставата. Сепак, тој ги повика учениците да бидат колку што е можно подготвени во однос на дигиталната настава.

„Следната учебна година треба да започне лично, но во секое време може да биде неопходно да се префрлиме од реално на онлајн учење. Децата во изолација ќе можат да се вклучат во наставата виртуелно“, рече тој за време на конференција.

Во Србија, пак, се подготвуваат повеќе сценарија за од септември, но сите се во насока на комбинирана настава. Како што соопшти министерот за образование Младен Шарчевиќ, деновиве се снимаат предавања за онлајн настава, во случај коронавирусот да е присутен и на почетокот на новата учебна година.

Покрај ова, се утврдуваат капацитетите на основните и средните училишта, како и на високите школи и факултети за модел на комбинирана настава кој подразбира учениците и студентите наизменично една недела да одат на класична настава, а наредната да следат онлајн.

Деновиве ќе се знае точно дали во Грција ќе има повторно отворање на училиштата, откако пред два месеци беше соопштено дека од 1 јуни продолжува наставата со зголемена претпазливост.

Беа издадени мерки на претпазливост и мерки за безбедност за сите нивоа на училишта, со намален капацитет на 50% во училниците, растојанија од 1,5 метри помеѓу клупите и не повеќе од 15 ученици по училница. Најавено беше и дека учебната година ќе биде продолжена до крајот на јуни.

Како и во повеќето држави во регионот, и Албанија своите училишта ги затвори кон крајот на април поради пандемијата и соопшти дека ќе останат затворени до септември. Сепак, оттаму нема официјални информации за тоа каков пристап може да се очекува во новата учебна година.

Македонското Министерство за образование и наука, пак, периодов работи на Концепт за развој на систем за далечинско учење. Но, оттаму за Радио МОФ изјавија дека тоа не значи оти новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење. Појаснија дека Концептот се носи за да биде применлив и во кризни ситуации, како Ковид 19, но и секогаш кога ќе биде потребно ако еден или повеќе ученици не можат да посетуваат настава во училиште, од било каква причина.

Така што, за почетокот на новата учебна година отворени остануваат повеќе можни сценарија.