Се прави систем за образование од далечина, објавена e нацрт верзијата

Нацрт верзијата на Концептот за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во Република Северна Македонија, денеска е објавена на веб страницата на Министерството за образование и наука.

„Изработката на документот е иницирана од промените на текот и начинот на реализација на воспитно – образовниот процес во глобални размери, поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот Ковид – 19. Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку прилагодување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност“, стои во појаснувањето за овој документ.

Концептот е работен од Министерството за образование и наука, Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, МЦГО, наставници од основните училишта, средните училишта и високо образовните установи во земјата, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ сферата.

Во следните 5 дена, најдоцна до 10 јули, сите заинтересирани можат да дадат придонес кон подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ, преку достава на предлози и сугестии на електронската адреса: mitkoceslarov@bro.gov.mk.