МОН: Носењето Концепт за далечинско учење не значи онлајн настава од септември, во игра се повеќе сценарија

Носењето на Концептот за развој на систем за далечинско учење, не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење, велат од Министерството за образование и наука. Оттаму појаснуваат дека Концептот се носи за да биде применлив и во кризни ситуации, како Ковид 19, но и во секогаш кога ќе биде потребно ако еден или повеќе ученици не можат да посетуваат настава во училиште, од било каква причина.

Затоа, појаснуваат, за почетокот на новата учебна година можни се повеќе сценарија.

„Изработката на овој документ не значи дека новата учебна година ќе започне и ќе се реализира исклучиво преку далечинско учење. Но, ние уште сега, преку еден инклузивен пристап на креирање решенија се подготвуваме за постапување при секое евентуално сценарио, вклучително и за настава од далечина доколку ситуацијата го наложи тоа. Друго сценарио и најпосакувано е целосно нормализирање на наставата, односно спроведување на воспитно – образовниот процес како и до пред појавата на пандемијата, или пак, реорганизација на истиот преку редуцирање на бројот на ученици во училница, воведување на смени во училиштата и слично“, велат од МОН.

Оттаму појаснуваат дека наставата во училница е незаменлива и најефикасна, но далечинското учење беше единствената опција за да продолжи и заврши учебната година, да не биде повторувана од септември, откако во март поради ширење на коронавирусот беа затворени училиштата.

Велат дека за креирање на новиот документ во предвид биле земени досегашните искуства на самите училишта, наставниците, учениците, родителите. Исто така,  голем број лица се вклучиле со свои коментари, предлози и сугестии по однос на содржината на Концептот, до 10 јули, кога беше крајниот рок за прибирање коментари за содржината документот.

„Истите веќе се разгледуваат од страна на работна група формирана за оваа цел и сето тоа што е издржано и прифатливо, ќе биде составен дел од овој важен документ во интерес на учениците и обезбедувањето квалитетна едукација во услови кои би се разликувале во вообичаените за реализирање на класична настава и би иницирале спроведување на учење од дома“, додаваат од МОН.

МОФ со препораки за Концептот за далечинско образование