Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи на Александра Данева

Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја доби Александра Данева за трудот „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“.

Наградениот труд, како што велат од НБРСМ, ги испитува карактеристиките на фирмите коишто влијаат врз приносите од акциите и ја моделира променливоста на индексот на Македонската берза. Притоа, приносите на индексот и карактеристиките на фирмите се споредуваат со примерот на Словенија, како земја на повисоко ниво на развој, додаваат оттаму.

„Народната банка постојано дава поддршка за истражувачката активност и придонесува за унапредување на знаењето и поттикнување на научната и креативната мисла, што е основа и за осмислување и водење здрави економски политики. Нашата цел е да ги поддржиме младите економисти да создаваат нови идеи и иновативни решенија за предизвиците во економијата. Истовремено, го нагласуваме значењето на научната мисла кај младите лица кои се идни носители на политиките“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска при доделувањето на плакетата за прва награда.

Народната банка презема бројни активности со кои ја поттикнува научно-истражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството, посочуваат од НБРСМ.

„Досега се одржани 46 сесии на Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови. Покрај ова, централната банка ја доделува и Годишната награда за млади истражувачи, којашто годинава се доделува по седумнаесетти пат. Со наградата за истражувачки труд, Народната банка ја мотивира младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата“, велат оттаму.

Инаку, наградената Донева се има стекнато со Меѓународна диплома за економија и бизнис на Универзитетот Еразмус во Ротердам, Холандија, а денеска своето знаење го надградува со работно искуство како финансиски аналитичар во Друштвото за управување со отворени инвестициски фондови „ВФП Фонд менаџмент“ АД Скопје.

Наградениот труд е објавен на веб-страницата на Народната банка и е достапен на следниов ЛИНК.