Анкета: Околу 50% од младите во земјава имаат делумно знаење за управување со пари

Околу половина од младите помеѓу 13 и 15 години сметаат дека не располагаат со доволно знаење за управувањето со парите. Најголемиот дел од нив за управувањето со парите учат од своите семејства. Ова го покажува Анкетата за финансиска писменост кај младите спроведена од Народната банка (НБ) на Република Северна Македонија во 2021 година и првата половина од 2022 година.

На прашањето вметнато во анкетата; „Дали сметате дека имате доволно знаење да управувате со расположливите парични средства?“ 41% од анкетираните во 2021 година одговориле дека имаат делумно знаење, додека 56% рекле дека имаат знаење.

Во 2022 година, бројките се малку поинакви, односно 55% од испитаниците се изјасниле дека располагаат со делумно знаење за управувањето со парите, додека 43% сметаат дека располагаат со знаење.

Во однос на тоа од каде се информираат за функциите и управувањето со парите, во 2021, 37% од испитаниците го посочиле семејството како главен извор, а 41% го одговориле истото во 2022 година. Понатаму, според анкетата, со речиси иста застапеност се училиштето, интернетот и медиумите.

Резултатите покажуваат дека учениците се најзапознаени со услугите на банкарскиот систем, и тоа 42% од анкетираните во 2021 и 33% во 2022 година.

На прашањето каква едукација претпочитаат учениците, најголемиот дел од нив, 35%, односно 29% во 2021 и 2022 година, соодветно, одговориле дека претпочитаат класична настава. Втори на листата посакувани едукативни методи се видеоматеријалите, па едукативните текстови на интернет и печатените брошури.

Во соопштението од Народна банка се вели дека овие резултати укажуваат дека има широк простор за унапредување на финансиската едукација кај оваа возраст.

Овие резултати соодветствуваат со структурата на финансискиот систем во државата. Сепак, тоа укажува дека има потреба од едуцирање и за останатите сегменти од финансискиот систем“, забележуваат од Народна банка.