Нападот врз Украина е директна закана за 7,5 милиони деца, алармираат од УНИЦЕФ

Засилените непријателски активности во Украина претставуваат директна закана по животите и благосостојбата на 7,5 милиони деца кои живеат во земјата, вели шефицата на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, по воениот напад кој Русија го започна утрово.

„Пукањето со тешка артилерија на контактната линија веќе нанесе штета на критичната водоводна инфраструктура и образовните установи во изминативе неколку дена. Доколку борбите не се смират, десетици илјади семејства можат присилно да бидат раселени со што драматично ќе се зголемат хуманитарните потреби“, стои во соопштението до јавноста на Расел.

Таа додава дека УНИЦЕФ го повторува апелот на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, за итен прекин на огнот и повик до двете страни да ги почитуваат меѓународните обврски за заштита на децата.

„Ова е најтажен момент во мојата кариера како генерален секретар на Обединетите Нации. Го започнав состанокот на Советот за безбедност со повик до претседателот Путин, на кој од дното од душата му порачав – Запри ја својата армија од офанзива против Украина, дај му шанса на мирот бидејќи веќе умреа премногу луѓе“, рече неколку часа претходно Гутереш.

Расел вели дека изминативе осум години конфликт предизвика трајна штета на децата на кои им е очајно потребен мир.

Агенцијата на ОН која е одговорна за обезбедување хуманитарна и развојна помош на децата низ целиот свет ги повикува сите страни во конфликтот да се воздржат од напади на основната инфраструктура од која зависат децата – меѓу нив и водата и санитарните системи, здравствените установи и училиштата.

Русија утрово започна воен напад врз Украина, со воздушни напади и експлозии кои се регистрирани во голем број градови низ земјата, меѓу кои и главниот град Киев, Харков и Одеса, а украинската власт прогласи воена состојба на територија на целата земја.

Нападот започна нешто пред 4 часот по полноќ, откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање соопшти дека наредил да започне „специјална воена операција“ со цел да се изврши „демилитаризирација и денацификација“ на Украина.

Украинскиот претседател Волдомир Зеленски во обраќање за јавноста по нападот најави воведување воена состојба во земјата, додавајќи дека Русија ја нападнала војната инфраструктура и граничните сили. Тој ги повика украинските граѓани да останат во своите домови, додавајќи дека нивната армија е подготвена да одговори на нападите.

Нападот на Русија врз Украина следува откако пред два дена руската власт призна како независни делови од источниот дел на Украина. Путин потпиша указ со кој се признаваат Доњецка народна република и Луганска народна република за независни држави, потег кој предизвика критики од Западот и покрена низа санкции кон Руската федерација.