„До јавноста и политичките партии – професионалните новинари не смеат и не треба да бидат напаѓани поради тоа што ја вршат својата професија. До Основното јавно обвинителство (ОЈО) – нападите и заканите кон новинарите треба итно да се процесуираат. На овој начин ќе се придонесе кон заштита на демократијата во земјава. Бараме најскоро, во следниот период, Министерството за правда да направи измени во Кривичниот законик, со кои ќе се прошири надлежноста на Обвинителството да настапува по службена должност по кривични дела поврзани за напади кон новинари и да се зголемат казните за напаѓачите“.
Ова се дел од пораките што денес Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) преку претседателот Младен Чадиковски ги упати до надлежните институции и кон јавноста, по повод Меѓународен ден за неказнивоста на злосторствата против новинарите.
Чадиковски побара од ОЈО да се формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите. Напад врз новинар, вели тој, е напад врз демократијата и слободниот говор.
„Тоа е недозволиво за земја која претендира наскоро да почне преговори за влез во ЕУ. Новинарите и медиумските работници играат клучна улога во нашата земја како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел од секое демократско општество“, нагласи Чадиковски на денешната прес-конференција.
Статистиката на ЗНМ вели дека годинава, споредено со минатите, новинарите почесто се соочуваат со вербални и физички напади. Тоа се само поради вршење на своите професионални обврски, потенцира Чадиковски, додека насилниците и понатаму остануваат неказнети.
„Важно е да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана“, потенцира тој.
Од почетокот на оваа година, до овој момент, ЗНМ бележи вкупно 14 напади врз новинари и новинарки. Лани вакви инциденти имаше само четири, што е пораст од тројно и повеќе.

Младен Чадиковски, фото: принтскрин од стрим на МИА
„Иако физичките напади се намалени, сепак, загрижува фактот дека се’ повеќе закани по животот на новинарите се забележуваат на социјалните мрежи. Во оваа насока, дополнителни напори треба да вложи Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од Обвинителството да покренува кривични постапки“, забележа Чадиковски.
Според него, креирањето на безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници е редовно нотирано во извештаите за Македонија во Европската комисија.
Затоа, вели тој, Владата треба посериозно да го земе ова прашање во предвид, и да ги поттикне засегнатите институции не само да ги решат случаите на напади врз новинари, туку со тоа да превенира и нови во иднина.
„ЗНМ останува на располагање да биде конструктивен партнер во подобрување на законите за овие прашања, но и за подобрување на судската пракса, во согласност на Европскиот суд за човекови права. Исто така, ЗНМ ги повикува и сите новинари кои биле предмет на закани и напади да пријават во Здружението, со цел истите да ги следиме, за да бидат процесиурани од органите на прогонот, и новинарите да добијат од нас бесплатна правна помош“, нагласи Чадиковски.
Репортери без граници бара именување специјален претставник на ОН за новинарите
По повод 2 ноември, Меѓународен ден за неказнивоста на злосторствата против новинарите, Репортери без граници (РСФ) го повтори своето барање до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, да создаде функција на „Специјален претставник за безбедноста на новинарите”.
„Годинава се убиени 29 новинари и тројца нивни соработници, што е помалку од лани зашто новинарите, поради пандемијата, помалку одат на терен. За една деценија се убиени околу илјада новинари, а казнивоста била незначителна“, алармираат од РСФ.
Оттука, РСФ велат дека Гуриереш има нешто повеќе од една година да дејствува и да остави значително наследство во борбата за заштитата на новинарите.

Фото: Репортери без граници
„Назначувањето на член на неговиот тим како привилегиран контакт, единствената конкретна акција што ја презеде во моментот, не е доволно”, истакна генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делуар.
РСФ посочува дека во 2019 година, 49 новинари беа убиени низ целиот свет, што е драстично намалување од претходната година, а зоните на конфликтот беа помалку смртоносни за новинарите, бидејќи се помалку одат таму.
„Периодот на Ковид-19 навистина ја смени ситуацијата на теренот. Помалку новинари се убиени, но има поголем притисок и злоупотреби врз новинарите. Заканите се повеќе и повеќе нијансирани и многу потешки за борба”, забележува Делуар.
Б.Ш.